Иднината зависи од образованието!

Home » 2013 » January

Monthly Archives: January 2013

Дали враќањето назад во еднопартизмот е најдоброто што ВМРО-ДПМНЕ го нуди на пазарот на политичките идеи во Македонија?

 

Ако во една реченица може да се опише политичката состојба во Македонија, таа би била: Македонија денес е слободна држава со полуслободни граѓани, со демократски избрана Влада што владее недемократски! 

 

Ако е ова состојбата денес а Македонија бега од курсот на демократскиот развој, тогаш мора да се согласиме дека нема многу простор за „трети опции“ (толку долго најавувани од истрошени политичари) ниту, пак, за интелектуална „неутрална критика“ на политичките движења во државата (против Курто и Мурто).

 

Во овој момент во нашето општество треба да се подржат политичките сили кои нудат повеќе политички слободи за граѓаните (па ако треба и на улица) и подемократско владеење (во институциите на системот, кога ќе се освои власта).  

 

Како јас го гледам излезот од сегашнава блокада, што е само уште една во низата такви политички кризи последниве шест/седум години?

 

Денес излез од оваа криза, а не само смена на власта (што е природен процес по сите овие политички фрустрации и импровизации), може да се случи само ако имаме или најдеме сили за нови луѓе, нови идеи, нов дискурс, нова енергија, нов правец и градење на општество ориентирано главно кон граѓаните и држава која нема да биде злоупотребувана од партијата што е на власт. Овие сили се појавуваат само под капата на здружената опозиција и се нов свеж ветар во зачаурената домашна политичка сцена. Не смее да се дозволи една политичка партија (во моментот ВМРО-ДПМНЕ) да ја јавне државата и да ги троши нашите пари само заради голо опстојување на власт. Мора да се намалат корупцијата, клиентелизмот, да се сфати вредноста на заедничката држава, и многу други вредности. Се разбира, потребни се и нови работни места, многу нови работни места. Пред се, за да се задржат луѓето во државата а и да се вратат некои од тие што си заминаа. На овој пат ќе бидат потребни и храброст и издржливост. Но, не толку храброст колку што е потребно верување дека можеме и знамеме и поинаку и подобро.
Политички дијалог во средина со автократски потенцијал се чини како најтешка работа на светот. Исто како во Македопнија денес! Политички дијалог нема во изминатите шест/седум години. Во Македонија подолг период постои колизија меѓу демократските принципи и начинот на нивното практикување, како и помеѓу декларативните заложби за демократија и успешно спроведуваната не-демократија?

 

Зошто толку лесно застранивме од вистинскиот и позитивен курс што го одевме безмалку две децении?

 

Затоа што ние не сме го достигнале ниту основното ниво на демократски и општествен развој што постојат во старите и развиени демократии. Немаме внатрешни механизми и зрелост за разрешување на политички конфликти. Тоа се критериумите за демократска држава од Копенхаген кои се услов за ЕУ преговори и членство. Ние најчесто имаме демократски избрани влади кои владеат со автократски и авторитарни елементи. Денес имаме и засилен мнозински популизам со етнички белези. Но ова би било невозможно доколку имаме демократски граѓани, со демократска свест. А нашето општество а особено образованието не даваат ваков производ. Затоа е потребна и суштинска реформа во образованието каде мора да се започне со филозофијата дека децата се центарот и фокусот на образованието а не лекциите во учебниците на повеќе или помалку писмени автори, неупотребливото знаење што само се меморира или престрашени наставници кои предаваат строгост и дисциплина. Многу заостанавме на полето на образованието, науката и развојот. Светот а и соседите одат напред.

 

Ние, пак, одиме назад! Еве што мене навистина ме загрижува!

 

Владејачката партија со сите свои политички потези како да сака да го врати тркалото на историјата во Македонија наназад. Нетрпеливоста, непријателството и некомуницирањето со политичката опозиција покажува знаци на градење на нов/стар политички модел. Можеби моделот на држава што во овој момент се посакува од страна на ВМРО-ДПМНЕ е Македонски Сојуз на Работниот Народ на Македонија (ССРНМ/МСРНМ). Без опозиција, управување од еден центар, диригирани медиуми, преку една партија, преку една идеолошка матрица, лидер кој е безгрешен и треба вечно да владее. На постарите граѓани ова им е добро познато. Но тој модел доживеа историски неуспех.

 

Политичка алтернатива мора да има, различни социјални идеи мора да има, независни медиуми мора да има, јавност и дебата мора да има. Оваа идеја (за еднопартизмот) сегашната партија на власт не може да ја материјализира. Иако Македонија во тој и таков модел направи најголем политички и културен успех. Но тогаш, Македонија само го искористи слободниот простор што и се понуди. Тоа Денеска едноставно не е возможно. Со стари идеи само ќе тонеме и ќе заостануваме зад другите на Балканот што веќе реално се случува. Слободен простор и јавност мора да има, доволно за да се почувствува а не на грамови, социјалните мрежи мора да се остават слободни, да не се контролираат, луѓето да немаат страв дека се прислушувани. Во денешно време не би требало власта да покажува мускули, да силува политички програми, ниту да тренира строгост со пари и ресурси за кои има мандат само да менаџира а не да се расфрла. Во одредени моменти политички компромиси мора да се прават заради доброто на нацијата.

 

Ако враќањето назад во еднопартизмот е најдоброто што ВМРО-ДПМНЕ го нуди на пазарот на политичките идеи во Македонија денес, тогаш имаме сериозен проблем. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ ни нуди бескраен ужас, за разлика од „ужасниот вонинституционален крај“, што според скапо платените трабанти на власта, го нуди СДСМ денес.

 

Јас навивам за опозицијата, затоа што таа е претставник на патот за постабилна, позрела и подобра држава која ќе биде заедничко добро на сите граѓани, независно од нивната културолошка или политичка провениенција.

 

Како ВМРО-ДПМНЕ ќе не извади од оваа политичка криза која самата ја создаде, година по година, месец по месец, ден за ден? Они тврдат дека народот стои зад нив! Ова лесно се проверува. Но, само на фер и демократски избори. Какви и да се… За народот на кој постојано се повикуваат да има начин ДА ГИ КАЗНИ!

 

Затоа Владата да престане со купување медиуми, со купување гласови, со (пот) купување со работни места, со купување на се живо и диво со парите од нашите даноци. А „продаваат“ само една голема идеолошка ПРАЗНОТИЈА, која ја покрија со голема ПРОПАГАНДА, преку големи ПАРАДИ. А тргнаа со некаква конзервативна десница…

 

И до каде не доведоа? Е, па до овде, ДО НИКАДЕ!?!?

 

Напред Македонијо! Да живее Републиката!

 

Ајде на избори…

 

Ако помеѓу Владата и опозицијата се најде согласност за изборнте правила, за спроведување на препораките на ОБСЕ и ОДИХР, како и за дополнителните услови што ги испорачува СДСМ тогаш барем формално би биле исполнети условите за редовни избори. И тука опозицијата не смее да отстапи ако сакаме демократски избори. Ако нема согласност тогаш, опозициската борба треба да ги употреби сите дозволени средства за да се блокира еден ваков самоволен акт на владејачката партија.

 

Дали изборите ќе бидат фер и демократски зависи од повеќе фактори. Барем за мене изборите се фер и демократски ако е јасно изразена вољата на мнозинството за одредена политичка програма или структура. Такви беа случаите во 1998 и во 2002 година. Тоа беа избори чисти како солза барем според изразената воља на граѓаните. Исходот се знаеше и пред изборите. Изборите од 2006 година веќе беа збогатени со механизми кои не се непознати во демократијата, но кои носеа многу гласови за ВМРО-ДПМНЕ, и кои таа успешно ги експлоатираше: улични протести, јужно-американски блокади, секојдневен опозициски активизам, негативна кампања итн. Победата, пак, на Груевски во 2006 година не беше изразена со голема разлика. Но, за време на изборите од 2008 година ВМРО-ДПМНЕ употреби уште посилен арсенал за победа на изборите: национализам, одбрана на идентитетот, анти-НАТО, анти-Америка, по принципот нека биде што ќе биде ама името не го даваме. Употребата на национализмот (со етнички предзнак) му донесе голема победа. СДСМ, на пример, никогаш не играл на картата на етничкиот национализам а колицијата со ДУИ ја стабилизира Република Македонија во периодот 2002-2006 година. Изборите од минатата година веќе беа со не толку јасна изразена поддршка за ВМРО-ДПМНЕ. Напротив, народот во поголем процент гласаше опозициски. Но распоредот по гласањето беше таков каков што го знаеме.

 

Ако на ова се додадат сите мали превари на изборните менаџмент мајстори од познатите типови (во минатото употребувани и од други партии), но и збогатени со безмалку уценетите членови и нововработени партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ (А1 истражување), со вработувања по штаб-ска линија (Алфа истражување), доаѓаме до прашањето до каде оди патриотизам, до каде оди партиската послушност а до каде е границата на мобингот врз сопствените гласачи (партиски вработени луѓе) со познатите квоти кои мора да се обезбедат. Ако е ова кривично дело кој или дали ќе го санкционира? Дали продавањето на сопствената душа за парче леб има цена и до каде нашите граѓани се подготвени да трпат, да се понижуваат и да ја помагаат политичката структура која си дозволува вакви методи на владеење. Тоа е веќе тема која ќе биде премет на натамошни истражувања: новинарски, академски итн. Како вели Леб и сол: со една надеж, за трошка љубов, за малку среќа, живееме….

 

Сакам нешто да кажам и за анкетите за рејтинзите на политичките партии. Нив почнаа да ги објавуваат и про-владини институти и невладини организации кои се, претпоставувам, за ова добро платени од власта. Овие анкети се уште му даваат голема предност на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ. Сакам да кажам дека, во моментот, кога повеќе од две третини од граѓаните мислат дека работите во државата одат во погрешна насока (тоа го тврдат повеќето релевантни анкети), кога повеќе од две третини од граѓаните не им веруваат на медиумските манипулации, кога повеќе од половина од граѓаните се загрижени и се плашат за својата иднина и за иднината на државата, кога голем дел од граѓаните изгубиле надеж дека состојбите ќе се поправат во наредните 10 години, кога исплашените жители на ова сиромашно општество се плашат да говорат гласно или по телефон за некој да не им стори нешто и се плашат да кажат јавно било што за некој да не им наштети на нивниот скромен бизниз, кога на минатите парламентарни избори, пред година ипол, доколку опозицијата ги здружеше силите ќе ја победеше оваа ненародна власт, и познатата ИРИ излезе со истражување во кое се тврди дека ВМРО-ДПМНЕ, води дупло пред најголемата партија што ја предводи здружената опозиција СДСМ. Ова не му е првпат на ИРИ да ја промаши политичката ситуација во земјата. Мислам дека оваа анкета е манипулативна, нереална и неверодостојна. Методолошки е погрешна и не ја отсликува политичката клима и атмосфера во државата. Едно е јасно, дека трендот на падот на ВМРО-ДПМНЕ е веќе незапирлив и треба да се размислува за други политички алтернативи и опции.

Тезата дека поддршката за владејачката партија опаѓа, но опозицијата не расте е теза на власта и треба да се отфрли. Значи, ако во случај да не можете да обезбедите мнозинство од ставовите на граѓаните, тогаш парцијалноста на резултатите дава искривена слика за политичката состојба во државата. Но не само ИРИ (која можеби и наивно влета во оваа шема на власта, а можеби ова и не е наивно), во оваа држава постојат невладини организации наградени од власта преку грантови и истражувачки проекти, кои се задолжени да го одржуваат колку-толку, каков-таков ставот дека ВМРО-ДПМНЕ води на анкетите пред СДСМ, дека народот му верува и гласа само за Груевски, а дека се што е црно му се припишува на лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски. Овие невладини организации на минатите избори во 2011година сите до една ги промашија двата најважни податока: колку проценти ќе освои СДСМ и колкава ќе биде излезноста на изборите. Видете ја квантитативната анализа на МЦМС за ова и се ќе ви биде јасно. Ова не се однесува на приватните истражувачки компании кои во најголем дел добро си ја вршат работата.

 

Тешко е да се предвиди кој каке ќе се однесува пред изборите и доколку се одржат избори какви ќе бидат тие. Сепак, употребата на мнозинскиот популизам за креирање на јавното мислење на ВМРО-ДПМНЕ се уште дава каков таков резултат. Но на подолг рок оваа политика и технологија на владеење не може да направи прогрес и просперитет. Власт со ваква идеологија не не води напред. Мислам дека добрата понуда на политичкиот пазар од страна на опозицијата може да им отвори можност за повторно да ја освојат довербата на граѓаните, особено по ова катастрофално владеење на ВМРО-ДПМНЕ, кое на народот му дава демократија со мали лажички а му брца во џебот со цела рака. Толку многу пари досега не истроши ниту една Влада а резултатите веќе се сублимирани во мислењето дека скапо ја плативме оваа политичка гарнитура за малку општествен ќар.