Кога јас би се прашувал!

Latest Tweets

  • @TiliaIv Уште малку добра музика за релакс... и перфект 3 days ago
  • Последно нешто што научив во животот е... да ќутам 3 days ago
  • Бев на лекар со синот... му инсталираа анти-вирус програма... 3 days ago
  • Комунизмот траеше пократко од животот на Фидел Кастро... 3 days ago
  • Не се сеќавам... дали беше најтешко или најлесно да излезете на крај самите со себе... 3 days ago

ЧИЈА Е МАКЕДОНИЈА?

Чија е Македонија? На народот или на некој друг? Чија е Македонија? На граѓаните или на некој трет? Ова е прашање кое многумина често го поставуваа во изминатите 25 години. Да, чија е Македонија? Наша ли е? Чија е? Особено ова прашање се засили и се наметна со појавувањето на кризата од 2001 година. Кризата која ни нанесе голема штета и за која ни требаше неколку години да ја надминеме. Се поради лошото владеење на една млада и неискусна политичка постава.

По парламентарните избори во 2002 година, СДСМ ја презеде одговорноста за иднината на Македонија, во време кога државата беше во политичка и безбедносна криза. Не беше лесно да се вратиме во нормала и да продолжиме да работиме и живееме по таа тешка 2001 година. И теравме така, богами, неколку години. Се надевавме дека работите ќе тргнат на подобро. Македонија се врати на вистинскиот пат. Во времето на СДСМ, во 2005 година,  Македонија конечно доби препорака за почнување на преговорите за членство во Европската унија. Имавме и отворен пат кон НАТО. Се беше под контрола! Но, историјата повторно не врати назад.

Патот на секој народ има специфичен развој. Развојот на државите не оди праволиниски. Затоа можеби на Балканот секогаш се вели: чувај Боже од полошо. И лошото доаѓа. Лошото не живее некаде далеку. Често не учеа дека лошото доаѓа од нашите соседи. Дека Македонија секогаш имала непријатели кои и ја кроеле судбината. Да, и тоа е точно. Секој на Балканот се борел за поголемо парче земја, за поголема држава. Поголема држава има и повеќе ресурси и може на својот народ да му понуди повеќе. Но, притоа страдале оние од другата страна на некој балкански фронт. И тоа е факт. На малите држави капата понекогаш им ја кроеле големити сили. Тоа е случај и со Македонија: Големата источна криза, Берлинскиот конгрес, Младотурската револуција, Балканските војни, Букурешкиот договор, Првата светска војна, Втората светска војна. Македонците поминаа низ многу пеколи и неизвесности.

Идејата на Македонската револуционерна организација постоела, ама тешко се реализирала. Слоганот Македонија на Македонците избледел во тефтерите на големите англиски политичари. Лидерството на првите македонски патриоти не успеало да го реализира сонот на Гоце Делчев, Никола Карев, Даме Груев, Питу Гули и многу други. Барем не во нивно време. И покрај тешкотиите, војните и страдањата, Македонија успеа да ја создаде својата државност. Република Македонија е стварност и постои веќе 70 години. Мораме да се гордееме дека Социјалистичка Република Македонија е творба на нашите претходници, меѓу кои во голем дел членови на Комунистичката партија на Македонија, кои положија илјадници жртви на олтарот на нашата слобода.

Денес, сме сведоци дека по седум децении Македонија има огромен политички, економски и културен развој, каков што не можело да се замисли само до пред 100 години. Златните години на македонската култура и авторите од неколку повоени генерации, оставија длабок печат и изградија еден грандиозен државен и културен проект – Република Македонија. Заедно со овој проект културолошки се издигна уште еден проект – македонскиот идентитет.

И се до пред неколку години овие два проекти никој не ги оспоруваше. Се бараше начин, поради нерешениот конфликтот со Грција, како Македонија да се вклучи во семејството на европските народи. Онаква каква сме ја создале. Од нашите културни и историски корени. Такви какви што се, такви какви што ни ги оставиле генерациите што се вградиле во македонската држава и македонскиот идентитет. Но, како се уште да не можеме гордо да се исправиме и да кажеме: Ова сме ние, ова е нашиот идентитет и ова е наша Македонија. Како да не смееме гласно да размислуваме за тоа кои сме, што сме, од каде сме.

Денес, оваа наша културна матрица, нашиот национален идентитет, поради политички причини или поради мегаломански амбиции, се доведоа во прашање од една млада, алчна и корумпирана врхушка. Ги измешаа лончињата дезориентирани политичари и самопрогласени идеолози на македонската десница. Само пепел остана од нашиот културен и цивилизациски идентитет. Скопје 2014 е политички проект за да се дестабилизираа нашиот идентитет и нашето битисување. За да не нема, за да не постоиме. Тоа е лажна одбрана на нашиот идентитет. Одбрана која и оди во прилог само на нашите јужни соседи.

Така, по 25 години развој, заглавени сме кај истото прашање. Повторно и повторно се јавува потребата да прашаме кои сме ние, од каде сме, каде сакаме да одиме? Што сакаме од самите себе си? Чија е тогаш Македонија? Наша, на народот, или нивна? На претставниците на една политичка опција која е изгубена во простор и во време. За жал и тие се дел од нас. За несреќа Македонија е предводена од безлична и бескрајно корумпирана и лоша власт.

Се извинувам, но во 2015 година не може веќе да се лажеме дека нашите душмани живеат надвор од нашите граници. Нашиот најголем непријател се всели во Владата на Република Македонија. Една група на луѓе, една отуѓена врхушка, веќе, 9 години лаже, краде, врши насилство врз политичките институции и го гази Уставот и законите на државата. Бескруполозно ги потчинија и покорија институциите за нив да им служат. Ги исплашија луѓето, им го сотреа духот.

Еден грст луѓе владеат како Македонија да е нивна лична сопственост. Еве веќе девет години глумат чесност и сеат страв околу себе. Подготвени да ја бранат Македонија, до последното евро што го искрадоа во еден нерамноправен политички и нерегулиран економски натпревар. Сведоци сме на културна и идеолошка девастација на нашата свест и совест. А ваквите грешки скапо ги плаќаме. Потребна е итна деконструкција на системот и враќање кон корените, кон нашите корени, нашиот идентитет, нашата Македонија. Каква што ја знаеме и живееме во изминативе неколку децении!

Зошто да гласате против ВМРО-ДПМНЕ?

По 7 годишно владеење време е на ВМРО-ДПМНЕ да му се каже НЕ.

 По 7 години верност народот треба да му ја откаже љубовта на Лидерот кој направи премногу грешки.

 Ако досега не сте се одлучиле, еве ви неколку добри причини зошто треба да гласате против вредностите на владеењето на Никола Груевски:

Затоа што функционерите на ВМРО-ДПМНЕ веќе предолго се на власт и се сигурно добро вмрежени во разно-разни соработки. Цивилизираниот свет пресметал дека после 3-4 години владеење секоја политичка врхушка е зрела за менување затоа што тој период е доволен да се воспостават односи кои се приватизираат и злоупотребуваат за лични потреби. На полето на злоупотребите се единствени во својата посветеност заедно со своите коалициски партнери и не им сметаат ниту националноста, ниту религијата, ниту различните културни матрици. Секој во своето трло.   

Затоа што не е нормално сопартијците да ви се плашат или да чувствуваат страв да го кажат сопственото мислење. Нездраво е новинарите да се самоцензурираат за да не ја загубат единствената работа што ја имаат и со која ги хранат своите семејства. Уште понездраво е целиот народ да се плаши со кого зборува, што зборува, да каже нешто лошо против Вас. Во исто време, вашите поданици сеат страв и трепет по вашата бановина.

Затоа што Владите на Никола Груевски потрошија премногу пари и не задолжија за неколку генерации однапред. И што направија со тие пари и кредити… Ги потрошија на мегаломански проекти со кои не направија никаков напредок. Напротив, колку што го градат идентитетот толку повеќе го слабеат, колку што вложуваат во младите толку повеќе младите се иселуваат, колку што го подобруваат образованието и здравството тие неповратно тонат. Затоа, пак, државата е пред финансиски колапс а народот ни е гол и бос.

Затоа што ја проширија и надградија само политичката конфликтност и невидената омраза против се што не е ВМРО-ДПМНЕ. Се однесуваат како тие да се државата, како партијата и државата да се едно, како во коцките да е сместена партијата а не државата. Ги свртеа Македонците против Македонците, брат против брат, комшија против комшија… Ги разнишаа темелите на институциите, глумеа држава а носеа закони за кои со никого не се консултираа. Ниту со сопствените парламентарци.  

Затоа што денес Македонија не постои на мапата на Европа. Затоа што е политички изолирана држава. Која европска држава не поддржува? Дали се уште имаме поддршка од стратешкиот партнер САД? Кои се вистинските правци и цели на Владата на Никола Груевски? Со кој памет го започнаа процесот на потрага по античка етногенеза. Со нив ги загубивме и тие неколку антички капки крв што можеби течат низ нашите вени. Само и помогнаа на Грција да ни става пречки на патот на меѓународната промоција на нашата држава. Од Бугарија направија наместо сојузник непријател. Па така ли ќе градиме европска иднина и нови пријатели.

Затоа што ги конфонтираат младите по етничка линија и затоа што им ја одземаат иднината нудејќи им лажна национална гордост и слава.

Затоа што ги исплашија татковците и мајките и им ги соочија децата по скопските улици а они се криеја по своите скапи кабинети.

Затоа што ништо не им е свето.

Затоа што моќта ги фасцинира и расипува. 

Затоа што Македонија бескрајно ја искорумпираа!

Затоа што најмногу од се ја сакаат сопствената власт.

Затоа што Македонија поминува низ една голгота!

Затоа што Македонија стана изолирана држава!

Затоа што Македонија стана нивна сопственост! 

Затоа што не почитуваат ништо што размислува со своја глава.

Затоа што Македонија веќе не е демократска држава!

АКО ОВА НЕ ВИ Е ДОВОЛНО, ТОГАШ НИ ВАС НИ НАС, НИ НЕМА СПАС…

Маалски, балкански и инаетчиски… избор(и)!?!

Дали ова ќе бидат досега најнеизвесни избори од кога се занимаваме со политички одмерувања на силите? Предвидувањата се дијаметрално спротивни, барем според партиските штабови. Тоа се должи на неколку фактори.

Прво, ниту една анкета ниту еден рејтинг од посериозен калибар не се прошета во јавноста во предизборието. Тоа значи дека политичките партии или не се задоволни од добиените рејтинзи (кои секако дека ги имаат) или калкулираат и не сакаат да ги откријат картите наспроти политичкиот непријател.

Второ, самите партиски лидери ја вжештија атмосферата со ставање на облог, според кој, тој што ќе има ЕДЕН ГЛАС ПОВЕЌЕ на советничките листи тој ќе биде победник. Ова е фрлена ракавица пред јавноста, затоа што значењето на тој еден глас е огромно.

Трето, во Македонија победникот зема се, буквално се. Во наредните неколку години тој ќе може да вработува, да тендерира, да има разно-разни привилегии а со тоа и голема моќ. Тогаш престанува политичкиот дијалог, са штанцаат закони, се злоупотребуваат ресурси, се владее арогантно и корумпирано. Се разбира согласно „стилот и идеологијата“ на партијата.

Во игра се само стратегиите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи се друго е политичка рециклажа! ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да ја продолжи успешната серија на изборни победи. СДСМ ќе се обиде да го артикулира незадоволството од владеењето на Никола Груевски и ќе се обиде по подолг период да оствари победа. Кај албанските партии ситуацијата е чиста и покрај политичките боцкања. ДУИ суверено ги остварува албанските интереси во Македонија.

За иднината на Република Македонија е од извонредна важност какви избори ќе имаме? И кој ќе победи? И како ќе победи? И како ќе се однесуваат медиумите? Ете, се е важно! Затоа е зајакнат и мониторингот од страна на „меѓународниците“ преводени од тешкашот Герд Аренс.   

Со оглед на предизборните турбуленции и настани, може со сигурност да кажеме дека овие избори ќе бидат со голема ЖЕСТОКОСТ, НЕПРИЈАТЕЛСТВО, со зголемена НЕГАТИВНА ПРОПАГАНДА, но и со многу ИЗБОРНИ МАНИПУЛАЦИИ, видливи или невидливи. Очекувам најлоши избори досега, затоа што голем дел од политичките кандидати се со ниска демократска свест, со улична политичка култура и се само делови од забрефтаните партиски машинерии. Нема личности, има само подмачкани џагернаути. Секако, главни актери според изложеното повторно ќе бидат партиите а не граѓаните. За жал!

Граѓаните во Република Македонија се главно статисти и за време на изборите и помеѓу изборите! Повторно за жал! Се надевам дека тоа на овие избори ќе почне да се менува. Но, затоа треба да се гласа за најдобрите кандидати! Уште нешто, од овие избори, од тој еден глас повеќе зависи и каде ќе пловиме во наредните неколку години – кон подобро или кон полошо. 

Сакам да испратам порака до поширок круг на читатели:

Дозволивме во политиката да влезат три видови на политичари: кариеристи, алчни души и кадри со мал капацитет. Нема да одиме напред се додека вакви луѓе не водат. Затоа и вакви ни се и изборите: маалски, балкански и инаетчиски.

На 24 март не знам кој ќе победи, ама гледајќи неколку години наназад знам кој веќе изгуби… СИТЕ НИЕ…

Зошто Премиерот НЕ ДАВА предвремени парламентарни избори?

Никогаш не било полесно да се направи анализа и синтеза на политичката ситуација во Република Македонија. Пред два-три месеци тоа беше исклучително тешко, затоа што Владата на Никола Груевски за пред јавноста имаше еден лажен лик а за пред своите партиски структури и приврзеници го користеше својот вистински лик, кој денес се идентигикува како одлично човек што има изградено организирана командна структура, со висок степен на послушност и канонска лојалност.

 

Од 24 декември наваму јасно се виде дека зад технологијата на владеење на Никола Груевски нема никаква филозофија ниту каков било концепт, се виде дека единствениот мотив е да се остане на власт по секоја цена и што е најиндикативно, оваа Влада веќе работи против интересите на граѓаните на Република Македонија. Да се обидеме ова и логички да го докажеме:

 

Теза број 1

Република Македонија се наоѓа во длабока политичка, економска и идеолошка криза.

 

Анализа:

Најголем виновник за оваа состојба се погрешните политики на Владата на Никола Груевски кои ги мотивираа опозициските пратеници со политички и парламентарен притисок да ја натераат Владата да се откаже од непотребни трошоци од над 200 милиони евра. Владата наместо да ги преиспита своите трошоци,  таа дозволи припадници на МВР да влезат во законодавниот дом и да ги исфрлат надвор пратениците на опозицијата. Тоа беше политички земјотрес и суспендирање на Уставот и парламентарната демократија.  

 

Заклучок:

Ако СДСМ прифати да оди само на локални избори ќе му даде легитимитет на погрешните политики на Никола Груевски и ќе го одобри насилството што беше применето врз пратениците на опозицијата.  

 

 

Теза број 2

Владата на Република Македонија во последните два месеца носи одлуки кои имаат за цел исклучиво егоистички, партиски и лични интереси.    

 

Анализа:

Евентуалната одлука да не се дозволи распишување на предвремени избори Е легитимна одлука на Владата и на Премиерот. Но, ако Премиерот веќе на два пати распишувал предвремени избори (2008, 2011) заради лични проценки дека ВМРО-ДПМНЕ ќе освои поголем број на пратеници, тогаш во моментот кога преку граѓански протести народот бара проверка на власта (па макар само половина од народот), тој не може да прави партиски калкулации. Дури и по цена да ги изгуби изборите, ако народот така сака… така и ќе биде. Ниту народот повеќе го поддржува Груевски ниту тој има идеи каде го води бродот Македонија.   

 

 

Заклучок:

ВМРО-ДПМНЕ не сака да распише предвремени парламентарни избори само заради проценката на Никола Груевски дека ќе ги загуби изборите затоа што ја изгуби поддршката на народот.

 

 

Теза број 3

Законите што во Собранието се носат во скратена постапка, без опозиција, немаат никаков легитимитет затоа што во Парламентот е суспендирана претставничката демократија и елиминирана контролната функција на политичката опозиција. 

 

Анализа:

Парламентот работи без опозиција од „црниот декември“ наваму. Опозицијата е присутна само на улиците и плоштадите во речиси сите градови во Македонија. Во градовите бастиони на ВМРО-ДПМНЕ протестираат по неколку илјади граѓани а во Скопје имаше два протестни марша со десетици илјади граѓани. Господине Груевски народот бара избори затоа што изразува отпор кон вашите политики. Моќта е во рацете на Никола Груевски но со неа енормно порасна и одговорноста, која се чини не постои во политичкиот речник на ВМРО-ДПМНЕ. Што се однесува до законите и измените во законите, Парламентот  не смее да носи по скратена постапка суштински измени во ниту еден закон.

 

Заклучок:

Со одлуката да не се распишат предвремени парламентарни избори туку да се направи обид да се остане на власт по секоја цена, само преку локални избори, ВМРО-ДПМНЕ уште повеќе ја продлабочува политичката криза и ЈА СТАВА ВО ЗАЛОГ иднината на Демократска Република Македонија.

 

 

Упатство за употреба:

Прочитајте го ова, потоа дајте го на уште некој да го прочита. И потоа продискутирајте го ова. Велат дека народот не разбира што се случува.

 

Е па да им докажеме дека разбираме.

 

 

Деновиве некој цитираше изјава на еден од постарите американски претседатели кој рекол: За една демократија, не е најважно како ќе владееш, туку дали мирно ќе ја предадеш власта.

 

СДСМ во 1998 и во 2006 година докажа дека е демократска партија. Каква партија е ВМРО-ДПМНЕ, ќе видиме оваа година! 

Дали враќањето назад во еднопартизмот е најдоброто што ВМРО-ДПМНЕ го нуди на пазарот на политичките идеи во Македонија?

 

Ако во една реченица може да се опише политичката состојба во Македонија, таа би била: Македонија денес е слободна држава со полуслободни граѓани, со демократски избрана Влада што владее недемократски! 

 

Ако е ова состојбата денес а Македонија бега од курсот на демократскиот развој, тогаш мора да се согласиме дека нема многу простор за „трети опции“ (толку долго најавувани од истрошени политичари) ниту, пак, за интелектуална „неутрална критика“ на политичките движења во државата (против Курто и Мурто).

 

Во овој момент во нашето општество треба да се подржат политичките сили кои нудат повеќе политички слободи за граѓаните (па ако треба и на улица) и подемократско владеење (во институциите на системот, кога ќе се освои власта).  

 

Како јас го гледам излезот од сегашнава блокада, што е само уште една во низата такви политички кризи последниве шест/седум години?

 

Денес излез од оваа криза, а не само смена на власта (што е природен процес по сите овие политички фрустрации и импровизации), може да се случи само ако имаме или најдеме сили за нови луѓе, нови идеи, нов дискурс, нова енергија, нов правец и градење на општество ориентирано главно кон граѓаните и држава која нема да биде злоупотребувана од партијата што е на власт. Овие сили се појавуваат само под капата на здружената опозиција и се нов свеж ветар во зачаурената домашна политичка сцена. Не смее да се дозволи една политичка партија (во моментот ВМРО-ДПМНЕ) да ја јавне државата и да ги троши нашите пари само заради голо опстојување на власт. Мора да се намалат корупцијата, клиентелизмот, да се сфати вредноста на заедничката држава, и многу други вредности. Се разбира, потребни се и нови работни места, многу нови работни места. Пред се, за да се задржат луѓето во државата а и да се вратат некои од тие што си заминаа. На овој пат ќе бидат потребни и храброст и издржливост. Но, не толку храброст колку што е потребно верување дека можеме и знамеме и поинаку и подобро.
Политички дијалог во средина со автократски потенцијал се чини како најтешка работа на светот. Исто како во Македопнија денес! Политички дијалог нема во изминатите шест/седум години. Во Македонија подолг период постои колизија меѓу демократските принципи и начинот на нивното практикување, како и помеѓу декларативните заложби за демократија и успешно спроведуваната не-демократија?

 

Зошто толку лесно застранивме од вистинскиот и позитивен курс што го одевме безмалку две децении?

 

Затоа што ние не сме го достигнале ниту основното ниво на демократски и општествен развој што постојат во старите и развиени демократии. Немаме внатрешни механизми и зрелост за разрешување на политички конфликти. Тоа се критериумите за демократска држава од Копенхаген кои се услов за ЕУ преговори и членство. Ние најчесто имаме демократски избрани влади кои владеат со автократски и авторитарни елементи. Денес имаме и засилен мнозински популизам со етнички белези. Но ова би било невозможно доколку имаме демократски граѓани, со демократска свест. А нашето општество а особено образованието не даваат ваков производ. Затоа е потребна и суштинска реформа во образованието каде мора да се започне со филозофијата дека децата се центарот и фокусот на образованието а не лекциите во учебниците на повеќе или помалку писмени автори, неупотребливото знаење што само се меморира или престрашени наставници кои предаваат строгост и дисциплина. Многу заостанавме на полето на образованието, науката и развојот. Светот а и соседите одат напред.

 

Ние, пак, одиме назад! Еве што мене навистина ме загрижува!

 

Владејачката партија со сите свои политички потези како да сака да го врати тркалото на историјата во Македонија наназад. Нетрпеливоста, непријателството и некомуницирањето со политичката опозиција покажува знаци на градење на нов/стар политички модел. Можеби моделот на држава што во овој момент се посакува од страна на ВМРО-ДПМНЕ е Македонски Сојуз на Работниот Народ на Македонија (ССРНМ/МСРНМ). Без опозиција, управување од еден центар, диригирани медиуми, преку една партија, преку една идеолошка матрица, лидер кој е безгрешен и треба вечно да владее. На постарите граѓани ова им е добро познато. Но тој модел доживеа историски неуспех.

 

Политичка алтернатива мора да има, различни социјални идеи мора да има, независни медиуми мора да има, јавност и дебата мора да има. Оваа идеја (за еднопартизмот) сегашната партија на власт не може да ја материјализира. Иако Македонија во тој и таков модел направи најголем политички и културен успех. Но тогаш, Македонија само го искористи слободниот простор што и се понуди. Тоа Денеска едноставно не е возможно. Со стари идеи само ќе тонеме и ќе заостануваме зад другите на Балканот што веќе реално се случува. Слободен простор и јавност мора да има, доволно за да се почувствува а не на грамови, социјалните мрежи мора да се остават слободни, да не се контролираат, луѓето да немаат страв дека се прислушувани. Во денешно време не би требало власта да покажува мускули, да силува политички програми, ниту да тренира строгост со пари и ресурси за кои има мандат само да менаџира а не да се расфрла. Во одредени моменти политички компромиси мора да се прават заради доброто на нацијата.

 

Ако враќањето назад во еднопартизмот е најдоброто што ВМРО-ДПМНЕ го нуди на пазарот на политичките идеи во Македонија денес, тогаш имаме сериозен проблем. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ ни нуди бескраен ужас, за разлика од „ужасниот вонинституционален крај“, што според скапо платените трабанти на власта, го нуди СДСМ денес.

 

Јас навивам за опозицијата, затоа што таа е претставник на патот за постабилна, позрела и подобра држава која ќе биде заедничко добро на сите граѓани, независно од нивната културолошка или политичка провениенција.

 

Како ВМРО-ДПМНЕ ќе не извади од оваа политичка криза која самата ја создаде, година по година, месец по месец, ден за ден? Они тврдат дека народот стои зад нив! Ова лесно се проверува. Но, само на фер и демократски избори. Какви и да се… За народот на кој постојано се повикуваат да има начин ДА ГИ КАЗНИ!

 

Затоа Владата да престане со купување медиуми, со купување гласови, со (пот) купување со работни места, со купување на се живо и диво со парите од нашите даноци. А „продаваат“ само една голема идеолошка ПРАЗНОТИЈА, која ја покрија со голема ПРОПАГАНДА, преку големи ПАРАДИ. А тргнаа со некаква конзервативна десница…

 

И до каде не доведоа? Е, па до овде, ДО НИКАДЕ!?!?

 

Напред Македонијо! Да живее Републиката!

 

Ајде на избори…

 

Ако помеѓу Владата и опозицијата се најде согласност за изборнте правила, за спроведување на препораките на ОБСЕ и ОДИХР, како и за дополнителните услови што ги испорачува СДСМ тогаш барем формално би биле исполнети условите за редовни избори. И тука опозицијата не смее да отстапи ако сакаме демократски избори. Ако нема согласност тогаш, опозициската борба треба да ги употреби сите дозволени средства за да се блокира еден ваков самоволен акт на владејачката партија.

 

Дали изборите ќе бидат фер и демократски зависи од повеќе фактори. Барем за мене изборите се фер и демократски ако е јасно изразена вољата на мнозинството за одредена политичка програма или структура. Такви беа случаите во 1998 и во 2002 година. Тоа беа избори чисти како солза барем според изразената воља на граѓаните. Исходот се знаеше и пред изборите. Изборите од 2006 година веќе беа збогатени со механизми кои не се непознати во демократијата, но кои носеа многу гласови за ВМРО-ДПМНЕ, и кои таа успешно ги експлоатираше: улични протести, јужно-американски блокади, секојдневен опозициски активизам, негативна кампања итн. Победата, пак, на Груевски во 2006 година не беше изразена со голема разлика. Но, за време на изборите од 2008 година ВМРО-ДПМНЕ употреби уште посилен арсенал за победа на изборите: национализам, одбрана на идентитетот, анти-НАТО, анти-Америка, по принципот нека биде што ќе биде ама името не го даваме. Употребата на национализмот (со етнички предзнак) му донесе голема победа. СДСМ, на пример, никогаш не играл на картата на етничкиот национализам а колицијата со ДУИ ја стабилизира Република Македонија во периодот 2002-2006 година. Изборите од минатата година веќе беа со не толку јасна изразена поддршка за ВМРО-ДПМНЕ. Напротив, народот во поголем процент гласаше опозициски. Но распоредот по гласањето беше таков каков што го знаеме.

 

Ако на ова се додадат сите мали превари на изборните менаџмент мајстори од познатите типови (во минатото употребувани и од други партии), но и збогатени со безмалку уценетите членови и нововработени партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ (А1 истражување), со вработувања по штаб-ска линија (Алфа истражување), доаѓаме до прашањето до каде оди патриотизам, до каде оди партиската послушност а до каде е границата на мобингот врз сопствените гласачи (партиски вработени луѓе) со познатите квоти кои мора да се обезбедат. Ако е ова кривично дело кој или дали ќе го санкционира? Дали продавањето на сопствената душа за парче леб има цена и до каде нашите граѓани се подготвени да трпат, да се понижуваат и да ја помагаат политичката структура која си дозволува вакви методи на владеење. Тоа е веќе тема која ќе биде премет на натамошни истражувања: новинарски, академски итн. Како вели Леб и сол: со една надеж, за трошка љубов, за малку среќа, живееме….

 

Сакам нешто да кажам и за анкетите за рејтинзите на политичките партии. Нив почнаа да ги објавуваат и про-владини институти и невладини организации кои се, претпоставувам, за ова добро платени од власта. Овие анкети се уште му даваат голема предност на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ. Сакам да кажам дека, во моментот, кога повеќе од две третини од граѓаните мислат дека работите во државата одат во погрешна насока (тоа го тврдат повеќето релевантни анкети), кога повеќе од две третини од граѓаните не им веруваат на медиумските манипулации, кога повеќе од половина од граѓаните се загрижени и се плашат за својата иднина и за иднината на државата, кога голем дел од граѓаните изгубиле надеж дека состојбите ќе се поправат во наредните 10 години, кога исплашените жители на ова сиромашно општество се плашат да говорат гласно или по телефон за некој да не им стори нешто и се плашат да кажат јавно било што за некој да не им наштети на нивниот скромен бизниз, кога на минатите парламентарни избори, пред година ипол, доколку опозицијата ги здружеше силите ќе ја победеше оваа ненародна власт, и познатата ИРИ излезе со истражување во кое се тврди дека ВМРО-ДПМНЕ, води дупло пред најголемата партија што ја предводи здружената опозиција СДСМ. Ова не му е првпат на ИРИ да ја промаши политичката ситуација во земјата. Мислам дека оваа анкета е манипулативна, нереална и неверодостојна. Методолошки е погрешна и не ја отсликува политичката клима и атмосфера во државата. Едно е јасно, дека трендот на падот на ВМРО-ДПМНЕ е веќе незапирлив и треба да се размислува за други политички алтернативи и опции.

Тезата дека поддршката за владејачката партија опаѓа, но опозицијата не расте е теза на власта и треба да се отфрли. Значи, ако во случај да не можете да обезбедите мнозинство од ставовите на граѓаните, тогаш парцијалноста на резултатите дава искривена слика за политичката состојба во државата. Но не само ИРИ (која можеби и наивно влета во оваа шема на власта, а можеби ова и не е наивно), во оваа држава постојат невладини организации наградени од власта преку грантови и истражувачки проекти, кои се задолжени да го одржуваат колку-толку, каков-таков ставот дека ВМРО-ДПМНЕ води на анкетите пред СДСМ, дека народот му верува и гласа само за Груевски, а дека се што е црно му се припишува на лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски. Овие невладини организации на минатите избори во 2011година сите до една ги промашија двата најважни податока: колку проценти ќе освои СДСМ и колкава ќе биде излезноста на изборите. Видете ја квантитативната анализа на МЦМС за ова и се ќе ви биде јасно. Ова не се однесува на приватните истражувачки компании кои во најголем дел добро си ја вршат работата.

 

Тешко е да се предвиди кој каке ќе се однесува пред изборите и доколку се одржат избори какви ќе бидат тие. Сепак, употребата на мнозинскиот популизам за креирање на јавното мислење на ВМРО-ДПМНЕ се уште дава каков таков резултат. Но на подолг рок оваа политика и технологија на владеење не може да направи прогрес и просперитет. Власт со ваква идеологија не не води напред. Мислам дека добрата понуда на политичкиот пазар од страна на опозицијата може да им отвори можност за повторно да ја освојат довербата на граѓаните, особено по ова катастрофално владеење на ВМРО-ДПМНЕ, кое на народот му дава демократија со мали лажички а му брца во џебот со цела рака. Толку многу пари досега не истроши ниту една Влада а резултатите веќе се сублимирани во мислењето дека скапо ја плативме оваа политичка гарнитура за малку општествен ќар.

 

ЗНАЕТЕ ЛИ КАКВИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ САКА НИКОЛА ГРУЕВСКИ?

Ако сегашниот политички момент го трансформираме во евентуални предвремени парламентарни избори и нив ги споредиме со фудбалски натпревар, еве како ВМРО-ДПМНЕ ги замислува изборите:

 

ФИЛИП ВТОРИ, 18 часот и 55 минути, средина на март.

 

Тимот на СДСМ лево. Ефтина гардероба, демоде, од пред 6-7 години.

 

Тимот на ВМРО-ДПМНЕ десно (случајно десно, бидејќи нема трета страна).

Со свилени маички и гакички, со златни ланчиња со голем крст, осветени…

 

ДУИ одат директно во финале и не се натпреваруваат. Јаки се…

 

Судија, некој од Врховниот суд, добро истрениран од власта. Помошни судии, оние што ги бираат по партиски кружоци… без искуство, да не почнат да мислат со своја глава и да почнат да судат фер и правично. Боже сачувај…

 

Околу теренот три кругови специјалци (од сите специјални единици), со маскирни одела и фул опрема, за да нема инциденти на теренот. Превентивно. Полицајците се под директна команда на… па знаете на кого. Само заборавате…

 

На сите четири трибини седат членови само на владејачката партија. Се е портокалово, дури и тревата, облаците, рефлекторите, да ти се збурбати. Така се научија овие од преродбата… поинаку не знаат…

 

Навивачите на СДСМ ѕиркаат околу стадионот. Се обидуваат да влезат некако. Некои од нив се приведени затоа што се жалеле на ОБСЕ и оние од ОДИМИДОЈДИМИ, дека не можеле да купат карти за натпреварот.

 

Снимка од изборите на МРТВИ, собраниски канал, и на Ш.тел 3 или 3/4, во 4 после полноќ… Што има бре народ да гледа, да се замара. Се тече како што е запишано во книгите на лидерот а дневно власта слави по 4-5 работни победи.

 

Бидејќи резултатот е одамна познат (според истражувањата на Павел Шатев или на ИПИС сеедно, слични им се бројките), сопственикот на тимот од десната страна доаѓа 5 минути пред крај за да го прими победничкиот пехар.

 

Трајко Тајмлес одма му го врачува писмото на стариот мандатар за нова СТРАХОВЛАДА, клекнат и целиот восхитен зашто е толку блиску до НЕГО…

Одамна го надмина Трајко Шлајко… тој само стоеше мирно…

 

Аплаузи, аплаузи, аплаузи… Никола, Никола, Никола…

 

На крај сите заедно од кејот кај стадионот тргнуваат накај плоштадот со златната гемија купена со заштедите на Коце… од тоа што останало од проектите од 2013/2014… А потоа ПОБЕДНИЧКИ накај Триумфална… Лавовите од кај фонтаната рикаат… како МЏМ, само со мултиплекс склероза…

 

Македонија Тхе Енд!  Среќна Нова 2013 година! 100 години неброени грешки!

 

ВАКВИ ЛИ БРЕ ИЗБОРИ САКАТЕ? Е НЕМА ДА ГИ ИМА? ОВОЈ ФИЛМ НЕМА ДА СЕ СНИМА!

 

ОСВЕН АКО НЕ ГО СНИМИТЕ САМИ, СПОРЕД ВАШЕ СЦЕНАРИО! ОНАКА, НАСИЛНИЧКИ! КАКО НА 24 ДЕКЕМВРИ!